Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави за британскиот весник „Фајненшл тајмс“ дека планира да се врати на премиерската функција по предвремените парламентарни избори, кои, како што наведе, ќе се одржат најдоцна до почетокот на декември. Изјавата беше пренесена и од регионалната телевизија Н1.
„Најверојатно прво ќе имаме парламентарни избори, а потоа претседателски. Парламентарните избори ќе се одржат до почетокот на декември. Нема место за поинакви решенија“, рече Вучиќ, алудирајќи дека по тие избори планира да се врати на местото претседател на владата.
Во интервјуто објавено под наслов „Големата експлозија“, тој го повика Брисел да се откаже од пристапот кон проширувањето заснован на заслуги, при што Црна Гора и Албанија во моментов се водечки кандидати, и наместо тоа да ги прими земјите од Западниот Балкан во пакет. „Што сакате да изградите? Уште построги граници меѓу сите?“ праша Вучиќ, додавајќи дека доколку сите држави од регионот влезат заедно, нема да има граници меѓу Приштина, Белград и останатите, и дека регионот треба да биде обединет, наместо да стане нова линија на судир меѓу оние што влегуваат во ЕУ и оние што сè уште се далеку од неа.
Овие оценки дојдоа во пресрет на вчерашните состаноци во Брисел, каде што Црна Гора и Албанија затворија поглавја од преговорите за пристапување кон Европската унија, а Украина и Молдавија отворија уште еден кластер. Министерот за европски прашања на Ирска, која го презеде ротационото претседателство со Советот на ЕУ, Томас Бирн изјави дека овој напредок е сигнал до сите земји кандидати дека, доколку ја исполнат својата обврска, ќе бидат наградени. „Процесот е реален. Црна Гора е повеќе од половина пат низ процесот на пристапување и се надеваме дека овој импулс ќе продолжи“, додаде тој.
„Фајненшл тајмс“ напиша дека пристапувањето на Србија долго е отежнато од спорот со нејзината поранешна покраина Косово, како и од загриженоста за владеењето на правото и корупцијата. Србија не ја признава независноста што Косово ја прогласи во 2008 година. Двете страни од 2011 година водат дијалог за нормализирање на односите со посредство на ЕУ и постигнале повеќе договори, од кои не сите се спроведени. Напредокот во овој процес е клучен за нивните стремежи кон членство во ЕУ.
Вучиќ во интервјуто додаде дека „владата работи на закони против корупцијата и на сè друго“.