Албанија на меѓувладина конференција Албанија – ЕУ во Брисел ги затвори првите три поглавја од пристапните преговори со Европската Унија, јави телевизијата Топ Ченел. Станува збор за Поглавје 25 – Наука и научни истражувања, Поглавје 26 – Образование и култура и Поглавје 30 – Надворешни односи. Земјата ги има отворено сите 33 преговарачки поглавја.
На заедничка прес-конференција со еврокомесарот за проширување Марта Кос, албанскиот премиер Еди Рама затворањето на трите поглавја го оцени како значаен исчекор на „неповратниот пат на Албанија кон ЕУ“. „Ова не е само чекор, туку потврда дека Албанија оди напред и дека реформите даваат резултати. Албанија покажува резултати, ЕУ покажува резултати. Албанија напредува и ЕУ реагира на тоа“, изјави Рама.
Марта Кос нагласи дека реформите мора да продолжат, посочувајќи ги како клучни областите на правосудството, борбата против криминалот и против корупцијата.
Осврнувајќи се на секојдневните протести во Тирана против инвестициски проекти по албанскиот брег, таа потсети дека Албанија се согласила да го укине законот за стратешки инвестиции и да внесе измени во законот за заштитените подрачја. Овие барања ги истакнуваат и демонстрантите.
Од 31 мај наваму, во Албанија секојдневно се одржуваат протести со барање за оставка на премиерот Еди Рама и запирање на проектот за заградување во реонот на Звернец на јужниот албански брег, кој се поврзува со Џеред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп. Демонстрантите изнесоа и пошироки политички барања.
„Што се однесува до конкретниот проект во Звернец, заштитата на животната средина е дел од критериумите за членство во ЕУ, а моментно има повеќе албански закони што треба да се изменат за да се исполни овој критериум. И пред почетокот на протестите се договоривме со Албанија годинава да бидат поништени измените од 2024 година во законот за заштитените подрачја, како и да се укине законот за стратешки инвестиции, со што ќе се создадат услови за затворање на Поглавје 27, кое се однесува на животната средина и климатските промени. Ги охрабрувам властите тоа да го направат што е можно поскоро“, изјави Кос.
По овие забелешки, Рама посочи дека неговата влада се согласила на укинување на законот за стратешки инвестиции, но додаде дека законот за заштитените подрачја „е еден од најдобрите“ што ги има Албанија. Тој потсети дека изработката била темелна и дека станува збор за првиот закон за заштитени зони во земјата.