Косовските власти ја прогласија министерката за државна управа и локална самоуправа на Србија, Снежана Пауновиќ, за персона нон грата по нејзините скорешни изјави дека, доколку во 1998 година била на местото на тогашниот претседател на Сојузна Република Југославија, Слободан Милошевиќ, би спровела „етничко чистење во Косово“, објави дневникот „Коха Диторе“.
Пауновиќ ја даде изјавата во интервју за телевизија „Курир“, а подоцна појасни дека не мислела на физичко уништување на Албанците, туку на заминување од територијата на оние што не се чувствуваат граѓани на Сојузна Република Југославија. Таа додаде дека лицата што извршувале терористички дејствија требало да бидат третирани како терористи.
Со синоќешната одлука на косовските власти, на Пауновиќ ѝ се забранува да влегува во Косово или транзитно да поминува низ неговата територија.
Косовскиот министер за внатрешни работи, Џелал Свечла, оцени дека јазикот што го користеше Пауновиќ е продолжение на државна политика која „со многу децении произведуваше насилство, злосторства и обиди за бришење на Албанците од нивните земји“, додавајќи дека ваквите изјави треба остро да бидат осудени од сите држави.
„Ерата кога Албанците беа потиснувани, убивани и беа предмет на етничко чистење заврши еднаш засекогаш“, напиша Свечла на „Фејсбук“. Според него, секој обид за оживување на идеологии поврзани со етничко чистење или за закани кон Република Косово ќе се соочи со решителен законски и институционален одговор.