Ситуацијата со шумските пожари во Канада денес дополнително се влоши, при што над 200 жаришта сè уште не се ставени под контрола, особено во провинцијата Онтарио. Димот од пожарите го вдишуваат милиони луѓе и во североисточниот дел на САД, пренесе Франс прес.
Според Канадскиот меѓуагенциски центар за шумски пожари, 209 пожари се надвор од контрола од вкупно 893 активни жаришта низ целата земја. Иако оваа сезона има помал број пожари во споредба со рекордната 2023 година, како и со 2025 година, интензитетот значително се зголеми во изминатата недела. Официјалните владини податоци покажуваат дека од почетокот на годината се изгорени околу 2,8 милиони хектари, додека минатиот петок бројката изнесуваше приближно 1,6 милиони хектари.
Состојбата е особено критична во источната провинција Онтарио, која вчера побара федерална помош. Засега нема информации за жртви, но неколку изолирани населени места беа евакуирани. Димот, разнесен од ветрот, го влоши квалитетот на воздухот во Торонто, најнаселениот канадски град, како и во источните делови на САД.
Според швајцарската компанија Икјуаер, градовите Чикаго, Детроит, Вашингтон и Њујорк беа меѓу најзагадените во светот околу 14 часот по Гринич.