Финансиската полиција поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Тетово против службено лице вработено на Меѓународниот универзитет во Тетово, поради сомнение дека со злоупотреба на службената положба и фалсификување исправи се стекнало со противправна имотна корист од над 3,3 милиони денари.
Како што информираат од Управата за финансиска полиција, пријавениот А.З., кој работел како административен службеник – виш соработник за логистика и теренско работење, во периодот од март 2020 до февруари 2023 година, наместо средствата што ги добивал во готовина од студентите да ги уплатува на сметката на Универзитетот преку електронската апликација Е-pay, ги присвојувал за себе.
Станува збор за средства што студентите ги плаќале за партиципација, кофинансирање и други трошоци за студирање на Природно-математичкиот факултет, Факултетот за физичка култура и Факултетот за медицина.
Според пријавата, со ваквите дејствија осомничениот стекнал противправна имотна корист во вкупен износ од 3.362.272 денари, со што, како што наведуваат од Финансиската полиција, му нанел штета на буџетот на Универзитетот во Тетово.
За да го прикрие присвојувањето на парите, пријавениот наводно изработувал лажни потврди за уплати преку апликацијата Е-pay и им ги доставувал на студентите како доказ дека трансакциите биле реализирани.
Во изработката на фалсификуваните потврди, според Финансиската полиција, биле користени податоци, меѓу кои и QR-код, од вистинска потврда за уплата направена преку Е-pay со банкарска картичка на неговата сестра. Потоа, со промена на податоците за уплаќачот, износот и датумот на уплатата, биле креирани нови потврди кои им биле предавани на студентите.
Студентите, верувајќи дека уплатите биле успешно извршени, ги приложувале потврдите во електронскиот систем и ги доставувале до студентската служба како доказ за платени обврски.
Од Финансиската полиција информираат дека пријавата е поднесена за кривичните дела „Злоупотреба на службената положба и овластување“ и „Фалсификување исправа“ согласно Кривичниот законик.