Анди Бернам, поранешен градоначалник на Манчестер и нов лидер на Лабуристичката партија, денес беше назначен за премиер на Велика Британија по оставката на Кир Стармер, со што стана седмиот премиер во последните десет години.
Бернам се врати во британскиот парламент во јуни, откако победи на дополнителните избори во Мејкерфилд, и на 22 јуни положи заклетва како пратеник, само неколку часа откако Стармер, кој ја загуби поддршката кај избирачите, објави дека се повлекува по едвај двегодишен мандат на чело на владата.
Денес Стармер од „Даунинг стрит 10“ замина за Бакингамската палата, каде што формално му ја предаде оставката на кралот Чарлс Трети, кој ја прифати. Потоа педесет и шестгодишниот Анди Бернам пристигна во Бакингамската палата и ја прифати поканата на монархот да формира влада, во ритуал познат во Обединетото Кралство како „целивање на рака“, што се применува при стапување на должност на нов премиер и при назначување министри.
Новиот премиер изјави дека негов приоритет ќе биде ублажување на трошоците за живот за граѓаните, без да се ризикува со економијата. Тој најави мерки „што луѓето брзо ќе ги почувствуваат“, додавајќи дека тоа нема целосно да го отстрани притисокот, но ќе ја покаже насоката и сериозноста на владината намера да помогне. Бернам најави повеќе детали утре и потенцираше дека и натаму ќе пристапува претпазливо во економските политики, а плановите за финансирање „јасно ќе бидат изложени“ во буџетот на неговиот кабинет.
Бернам имаше телефонски разговор со американскиот претседател Доналд Трамп, во кој го увери дека Лондон останува посветен на безбедноста, одбраната и на напорите за решавање на кризата на Блискиот Исток. Иако нема големо искуство во надворешната политика, Бернам порача дека Велика Британија ќе остане цврст сојузник на САД. Односите со Вашингтон, според оценките, ќе зависат и од неговата динамика со Трамп, кој прво упати пофални зборови за Стармер, а потоа го промени ставот бидејќи тој не ја поддржа војната со Иран.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски му се заблагодари на Бернам за изразената непоколеблива поддршка за Киев, наведувајќи на Икс дека „основата на билатералните односи е посилна од кога било“ и дека двете држави „ќе продолжат меѓусебно да се поддржуваат“. Стармер беше гласен поборник за Украина и при повлекувањето нагласи дека ѝ обезбедил политичка, одбранбена и вредносна поддршка. Бернам изјави дека ќе ја продолжи потребната помош за Украина.