Breaking ФОТО Се сруши 60 метарскиот јарбол со македонското знаме кај Ист Гејт
Свет

Ненадејно почина италијанскиот новинар пред кого Трамп тврдеше дека Мелони молела за фотографија на Г-7

Ненадејно почина италијанскиот новинар пред кого Трамп тврдеше дека Мелони молела за фотографија на Г-7

На 50-годишна возраст почина италијанскиот новинар Даниеле Компатанџело, дописник за повеќе италијански медиуми од Белата куќа, кој во последно време стана познат по телефонско интервју со претседателот на САД Доналд Трамп, во кое тој се изрази неласкаво за италијанската премиерка Џорџа Мелони, пренесоа АНСА, АДН Кронос и Месадџеро.

Компатанџело починал ненадејно во својот дом во Њујорк, а како причина за смртта се наведува срцев удар, дополнува Месадџеро.

Новинарот е роден во ноември 1975 година во италијанскиот град Савона. Израснал во Торино, потоа живеел и работел во Рим, а подоцна се преселил во Соединетите Американски Држави, каде со време добил и американско државјанство. Има зад себе 25-годишна новинарска кариера во низа италијански медиуми. Следел осум изданија на Олимписките игри – од Сиднеј во 2000 година до Лондон во 2012 година. Автор е на документарни филмови.

Неговите прилози од САД се емитуваа на каналите на италијанските медиуми РАИ, Медиасет и Ла Сете, како и на швајцарската телевизија.

Во моментот на смртта беше претседател на Асоцијацијата на странските дописници при Белата куќа, пишува Месадџеро.

Компатанџело стекна светска слава во јуни, кога по самитот на Г-7 во Евијан, Франција, оствари телефонско интервју со Доналд Трамп. Во него Трамп изјави дека Мелони го молела да се фотографира со него на Г-7 и дека тој ја пожалил и ја прифатил нејзината молба. Трамп додаде дека воопшто не бил должен да разговара со италијанската премиерка и ја критикуваше нејзината политика, упрекнувајќи ѝ на Мелони и на Италија дека не му помогнале на САД во Иран.

По тоа интервју Мелони изјави дека Трамп ја измислил целата приказна и го обвини дека упатува неосновани напади кон сојузниците, додека се однесува благонаклоно кон непријателите на САД и на Западот. Таа тогаш додаде дека таа и Италија никогаш не молат за ништо и му препорача на Трамп да не го заборави тоа.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни