Breaking Шест пациенти хоспитализирани во Стара градска болница по невремето: Еден повреден од паднато дрво, друг од керамиди
Македонија

Гостиварци 22 дена пиеле фекалии, а ИЈЗ Гостивар тврдел дека е чиста три дена пред да се открие

Гостиварци 22 дена пиеле фекалии, а ИЈЗ Гостивар тврдел дека е чиста три дена пред да се открие

Контрадикторности, задоцнети реакции и скандалозни податоци излегоа на површина по денешната заедничка прес-конференција во Владата на директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Оливер Миланов, директорката на Инспекторатот за животна средина (ДИЖС), Ивана Гиновска и министерот за животна средина, Муамет Хоџа.

Додека истрагата на Обвинителството потврди дека диви пумпи вбризгувале фекално загадена вода директно во централниот водовод од 25 јуни до 16 јули, од АХВ тврдат дека сите официјални лабораториски извештаи доставени до нив биле уредни сè до 13 јули.

АХВ: „До 13 јули водата според Центарот за јавно здравје била безбедна!“

Директорот на АХВ, Оливер Миланов, најави дека се издадени наредби до Општина Гостивар за итно дехлорирање и деарсенизација за граѓаните што побрзо да добијат барем техничка вода, но ги отвори прашањата за тоа како се вршеле претходните контроли:

„Последниот извештај за водата во Гостивар е од 13 јули годинава од Центарот за јавно здравје – Гостивар и тогаш водата била безбедна за пиење“, изјави Миланов.

Оваа изјава отвора сериозен сомнеж кај јавноста, имајќи предвид дека обвинителската истрага утврди дека фекално контаминираната вода од каналот (со бактерии дури 48 пати над дозволените граници) се вбризгувала во системот речиси цел месец. Дополнително, медиумите објавија дека и на 29 јуни Центарот за јавно здравје – Тетово исто така изработил мислење во кое тврдел дека водата ги задоволува сите бактериолошки и хемиски параметри.

Засилени инспекции: Ќе се казнуваат угостителите кои користат небезбедна вода

Миланов потврди дека инспекторите на АХВ се интензивно на терен и земаат мостри од целата мрежа, со најава за ригорозни глоби и затворање на сите објекти кои нема да ги почитуваат забраните:

  • Земени мостри: Вчера се земени нови примероци за анализа од јавна чешма во Гостивар, две детски градинки, Општата болница, црква, џамија и еден угостителски ресторан.
  • Казни за рестораните: По реакциите на граѓаните дека свадби и кафетерии работат нормално, АХВ најави строги санкции за сите деловни субјекти кои користат вода од водоводот за пиење или подготовка на храна.
  • Површинска вода од Вардар: Миланов објасни дека контролата на 16 јули во с. Вруток потврдила дека диви пумпи директно вбризгувале сурова вода од реката Вардар во затворениот систем.
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни