Иако институциите интензивно работат на надминување на кризата со загадената вода во Гостивар, сè уште нема прецизен рок кога водоснабдувањето повторно ќе биде безбедно за користење. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски порача дека јавноста ќе добие точни информации дури откако ќе завршат сите неопходни анализи.
„Не можам да кажам кога ќе имаме вода за соодветна употреба. Ниту сум ги лажел, ниту ќе ги лажам граѓаните. Кога ќе имам точна информација, тогаш ќе ја соопштам на јавноста“, изјави Тошковски.
Тој посочи дека стручни екипи веќе вршат земање мостри од повеќе локации во водоводниот систем, а резултатите од лабораториските испитувања ќе бидат клучни за утврдување на следните чекори.
Според првичните проценки на експертите, една од можните мерки е спроведување хиперхлорирање на водоводната мрежа со цел целосна дезинфекција на системот. По оваа постапка ќе следуваат нови анализи за да се потврди дали водата најпрво е безбедна за техничка употреба, а потоа и за пиење.
Министерот нагласи дека без позитивни лабораториски резултати нема да биде дадена препорака граѓаните повторно да ја користат водата, ниту за технички потреби, ниту за консумирање.
Тошковски увери дека јавноста ќе биде навремено информирана веднаш штом ќе бидат готови анализите и ќе се утврдат условите за целосно нормализирање на водоснабдувањето во Гостивар.