Иако во Гостивар и понатаму се регистрираат нови случаи поврзани со епидемијата, здравствените власти оценуваат дека состојбата покажува први знаци на стабилизирање. Според најновите податоци, бројот на новозаболени е значително помал во споредба со претходниот ден.
Министерот за здравство Сашо Клековски соопшти дека во изминатото деноноќие се евидентирани 293 нови случаи, што е речиси двојно помалку од саботата, кога беа регистрирани повеќе од 600.
„Имаме преполовување на бројот на нови случаи. Имаме 293 нови случаи, што во однос на саботата, кога имаше над 600, е преполовување. Претпоставуваме дека препорачаните мерки го даваат посакуваниот резултат“, изјави Клековски.
Тој информираше дека досега се спроведени 192 епидемиолошки анкети, со цел да се утврди точната хронологија на ширењето на инфекцијата, да се идентификуваат првите заболени и да се открие начинот на кој дошло до појавата на случаите.
Во меѓувреме, Институтот за јавно здравје повторно зема примероци од водата на девет различни локации, како и од чешмите во домовите на семејствата каде што има заболени лица, за да се добие поцелосна слика за состојбата.
Клековски најави дека денеска и утре болницата во Гостивар ќе биде дополнително снабдена со потребните лекови, додека Институтот за јавно здравје и Центарот за јавно здравје ќе продолжат со редовни испитувања на водата сè до целосно расчистување на состојбата.