Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, итно го свика Штабот за заштита и спасување за да се координираат понатамошните чекори за справување со големите штети од синоќешното силно невреме. Донесени се низа вонредни мерки, а целата општинска администрација и хигиеничарите се ставени во погон на терен.
На состанокот, покрај раководителите на сектори, присуствуваа и претставници на МВР и ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ (ПОЦ).
Со цел побрза стабилизација на состојбата во централното градско подрачје, Штабот ги донесе следните одлуки:
- Проценка на штети: Итно се формира официјална општинска комисија која ќе излезе на терен за да ги евидентира сите оштетувања.
- Улога на куќните совети: Се задолжуваат сите управители и куќни совети итно да ги проверат своите згради за потенцијални безбедносни ризици (оштетени фасади, лабави кровови и олуци).
- Апел за механизација: Општината упати јавен апел до општествено одговорните компании да се вклучат со сопствена тешка механизација за побрзо отстранување на паднатите кровни конструкции.
- Вонредни смени за чистење: Хигиеничарите на ПОЦ се реорганизирани во повеќе смени и заедно со дел од вработените во општинската администрација интензивно помагаат во расчистувањето на дрвјата и шутот.
„Безбедноста сега е клучна. Мора да има координација меѓу куќните совети и станарите, а солидарноста и одговорноста мора да бидат на високо ниво. Нашите екипи на терен се поделени во две смени, а попладневната екипа е подготвена да реагира и доколку има ново невреме. Сите сили мора да ги впрегнеме заедно, затоа што станува збор за елементарна непогода“, истакна градоначалникот Герасимовски.
Од локалната самоуправа информираат дека екипите работеле во текот на целата ноќ и продолжуваат во текот на денешниот ден.
Со тешка механизација веќе се подигнати и отстранети опасните лимени конструкции кои ветерот ги откорна од неколку покриви, и тоа на критичните локации во Буњаковец, на улицата „Благоја Давков“, спроти трговскиот центар „Рамстор“ и кај објектот на „Агромеханика“. Во исто време интензивно се работи на отстранување на паднати големи гранки и откорнати дрвја за да се нормализира сообраќајот низ целата општина.