Министерството за локална самоуправа, во рамки на координираниот одговор на кризата со водоснабдувањето, итно обезбеди донација од 50.000 литри вода за пиење за жителите на Општина Гостивар.
Во градот денеска веќе пристигна првиот од двата предвидени камиони со почетните количини бесплатна вода. Оваа испорака има за цел директно да ги задоволи основните потреби на населението додека траат рестрикциите и препораките за некористење на водата од градскиот водовод.
Министерот за локална самоуправа, Иван Стоилковиќ, истакна дека во вакви моменти институциите мора да реагираат брзо и солидарно.
„Во моменти кога граѓаните се соочуваат со сериозни предизвици реагираме брзо, одговорно и солидарно. Со оваа донација даваме конкретен придонес во надминувањето на состојбата и испраќаме јасна порака: институциите се рамо до рамо со граѓаните секогаш кога тоа е потребно“, изјави Стоилковиќ.
Од Министерството соопштуваат дека остануваат во постојана координација со сите релевантни служби и внимателно ја следат состојбата на терен. Преку оваа брза акција, од ресорот порачуваат дека уште еднаш ја потврдуваат својата улога на сигурен партнер на општините, подготвен навремено и одлучно да помогне со директен ангажман во надминувањето на вонредните предизвици.