Вработен во ЈП „Комуналец“ – Гостивар загинал на 15 јуни додека интервенирал на водоводниот систем, покажува полицискиот билтен за тој ден. Станува збор за настан што се случил десет дена пред поставувањето на пумпите кои, според обвинителството, подоцна довеле до загадување на водата за пиење, објави Телма.
Според првичните информации, случајот бил пријавен во полиција, а работникот бил испратен да исчисти канал на локација каде што имало одводни канали за прибирање на проточни води. Тој се заглавил во каналот и починал. Од Јавното обвинителство и Министерството за внатрешни работи денеска не одговорија дали е отворена истрага и дали е утврдена точната причина поради која работникот влегол во каналот.
Загинатиот бил од селото Дебреше. Само неколку дена по несреќата, на 19 јуни, жителите на ова село протестираа пред Општина Гостивар барајќи поголем притисок на водата во водоводната мрежа. Протестот ескалираше кога беше искршено стаклото на влезната врата од општинската зграда.
Од МВР информираат дека општината не го пријавила случајот во полиција.
„Случајот од страна на општината не беше пријавен во полициска станица, а оштетеното стакло беше сменето веќе следниот ден. Настанот е квалификуван како кривично дело „оштетување туѓи предмети“, кое согласно законските одредби се гони по приватна тужба“, соопштија од МВР.
И повеќе од еден месец по овие настани, ниту Обвинителството ниту МВР засега не ги поврзуваат со поставувањето на пумпите што, според истрагата, ја загадиле водата за пиење. За овој случај осомничени се в.д. директорката на ЈП „Комуналец“ и уште двајца раководни лица.
Градоначалникот на Гостивар изјави дека не чувствува одговорност, иако претходно со жителите на Дебреше се договорил да имаат трпение и дека проблемот со водоснабдувањето ќе биде решен во рок од еден месец. На седница на Советот на Општина Гостивар, советниците му оддале почит на загинатиот работник.
Во меѓувреме, јавноста дозна дека анализите на водата што ги изработувал Центарот за јавно здравје – Тетово, подружница Гостивар, покажувале исправност на водата. Сепак, министерот за здравство Сашо Клековски денеска изјави дека постоеле и две негативни мислења за исправноста на водата.
„Има две негативни мислења. Треба да ги погледнеме дали соодветствуваат, дали се истите места на контрола, бидејќи има различни описи на местата на контрола“, изјави министерот за здравство Сашо Клековски.
Како што претходно објави Телма, единственото јавно известување до граѓаните било објавено на 25 јуни преку Фејсбук-страницата на ЈП „Комуналец“, во кое било наведено дека водата не е за употреба поради зафати на водоводната мрежа. По ова известување не било објавено кога водата повторно е безбедна за користење.
Опозициската СДСМ денеска побара политичка и институционална одговорност за сите пропусти што, според партијата, претходеле на епидемијата во Гостивар.
„Загадувањето на водата започнало од крајот на јуни и никој не реагирал, никој на ништо не укажал, туку ги оставиле граѓаните да пијат загадена вода. Институциите со недели молчат, а обвинителот Савески ја користи тајноста на истрагата како изговор зошто информациите не се соопштувале навреме на граѓаните“, изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Според обвинителството, в.д. директорката на ЈП „Комуналец“ – Гостивар, техничкиот раководител на Секторот за технички работи и раководителот на Одделението за водовод се осомничени дека на 25 јуни дале налог да бидат поставени три потопни пумпи во канал со површинска вода што содржела штетни материи, во непосредна близина на преливната комора на системот за вода за пиење.
Жалбата на осомничените е одбиена, поради што остануваат во 30-дневен притвор, мерка што претходно им ја одреди Основниот суд во Гостивар.
Извор: Телма.