Македонија

УЈП со засилени контроли: Се чешлаат приходите од издавање апартмани и викендички среде сезона

УЈП со засилени контроли: Се чешлаат приходите од издавање апартмани и викендички среде сезона

Во екот на летната туристичка сезона, кога традиционално расте обемот на туристички услуги и приходите од нив, Управата за јавни приходи (УЈП) спроведува координирани активности за поттикнување на доброволната даночна усогласеност и обезбедување еднакви услови за работа на пазарот.

Како што соопштија денеска од прес-службата на УЈП, во фокусот се приходите што граѓаните ги остваруваат од краткотрајно издавање сместувачки капацитети (апартмани, станови, куќи, викендички, соби), како и други сезонски дејности поврзани со туризмот.

За таа цел, Управата спроведува неколку паралелни активности:

  • Објавување практични насоки за пријавување на остварениот доход;
  • Директна комуникација и поддршка за даночните обврзници;
  • Меѓуинституционална соработка на државно и локално ниво преку споделување податоци;
  • Анализи на ризик и насочени теренски контроли;
  • Информативна кампања преку медиумите и социјалните мрежи.

„Целта на Управата за јавни приходи не е само да укаже на законските обврски, туку да им помогне на граѓаните навремено и правилно да ги исполнат. Доброволната усогласеност е основа на современото даночно работење и придонесува за фер конкуренција и поголема доверба во институциите“, појаснуваат од УЈП.

Од даночната управа потсетуваат дека секој приход од издавање сместување подлежи на оданочување и ги повикуваат граѓаните навреме да ги подмират обврските. Истовремено, најавуваат дека ќе продолжат со контроли базирани на анализи на ризик за да се спречи нелојалната конкуренција.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни