Политичката сцена повторно се вжештува на темата за евроинтеграциите и преговарачката рамка со Европската Унија. Поранешниот министер за надворешни работи, Бујар Османи, на социјалните мрежи одново го сподели своето препознатливо видео во кое со маркер во рака и на бела табла ја црта и ја објаснува структурата на преговарачкиот процес, тврдејќи дека прашањата со Бугарија не се пречка за нашиот пат кон ЕУ.
На ова експресно и остро реагираше актуелниот министер за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, кој му порача дека тој е последната личност која има право да дели лекции.
Во видео-обраќањето, Османи се обидува сликовито да ја појасни преговарачката рамка во неколку чекори, со цел, како што вели, да ги демонтира шпекулациите за нејзината содржина.
„Преговорачката рамка се состои од два дела: општ дел и специјален дел. Во општиот дел се општите одредници за кои нема писмен извештај од Комисијата и нема гласање од земјите членки, односно од Европскиот Совет. Договорот со Бугарија и прегледите од член 12 се наоѓаат токму во овој општ дел. За нив нема да има писмен извештај, ниту ќе има гласање, па оттука тие не можат да бидат пречка на патот на државата во ЕУ“, тврди Османи во видеото.
Тој додава дека „специјалниот дел“ ги содржи 35-те поглавија кои се скалилата низ кои државата мора да помине. Според него, единствената хипотетичка пречка би можел да биде Акцискиот план за малцинства, кој се наоѓа во патоказот за владеење на правото, но потенцира дека тој не се однесува на специфично малцинство, туку генерално за сите етнички и неетнички заедници.
Реакцијата од министерот Тимчо Муцунски пристигна преку социјалните мрежи, каде што тој упати тешки критики кон легитимитетот и преговарачкиот биланс на неговиот претходник.
„Бујар Османи последен има право да држи лекции за тоа што е прифатено, а што не. Тој многу добро знае што преговараше, што прифаќаше и во каква позиција ја остави државата. Затоа, денес нека не троши енергија за да ги извртува фактите и да толкува туѓи изјави“, дециден е Муцунски.
Муцунски во својот статус алудираше и на изборните резултати, потенцирајќи дека политичар кој не успеал да ја добие довербата во Чаир и од луѓето кои најдобро го познаваат, нема легитимитет да дели лекции.
„По таков пораз, многумина би покажале политичка одговорност и би се повлекле, наместо да продолжат да делат лекции. За разлика од неговите спинови, позицијата на оваа Влада е јасна и непроменета од првиот ден. Повеќе од две години слушаме обвинувања дека ќе попуштиме и ќе прифатиме сè што претходно било договорено. Наместо тоа, со дела покажавме доследност, принципиелност и јасна заштита на македонските национални интереси“, напиша Муцунски, додавајќи дека политичката меморија на граѓаните не е кратка и дека точно се знае кој ја довел државата во оваа ситуација.