Свет

Туристите за апокалипсата: Француската жандармерија одеше од врата до врата, како во филм

Туристите за апокалипсата: Француската жандармерија одеше од врата до врата, како во филм

Шумските пожари во југозападна Франција и централна Шпанија предизвикаа масовна евакуација на повеќе од 220.000 луѓе од нивните домови и туристички одморалишта. Зад себе оставија сцени на паника, туристи кои со куфери бегаат кон плажите и возила кои поминуваат на само неколку метри од огромните огнени јазици, јавува BBC.

Во најпогодените региони е повикана војската на помош, а шпанската влада веќе прогласи вонредна состојба на ниво на целата држава. И покрај огнената стихија, летовите кон Мадрид и Бордо за сега се одвиваат нормално.

Драматични сведоштва: Евакуации во текот на ноќта

Бројни туристи за BBC ги опишаа драматичните моменти на бегство од огнениот пекол:

  • Будење со наредба за евакуација: Зак Морисон (21) од Лондон, кој престојувал на популарниот полуостров Кап Фере, бил разбуден среде ноќ од итни SMS пораки со наредба веднаш да се евакуира „со сите расположливи средства“. Тој раскажува дека жандармеријата одела од врата до врата, а илјадници луѓе со куфери во рацете завршиле спиејќи по плажи, училишта и магацини.
  • Пламени високи како петкатници: Дејвид Мортон, директор на училиште од Велика Британија, опишува дека по пристигнувањето на итната порака на телефонот, за само 15 минути ги спакувал работите и со семејството побегнал со автомобил. Во еден момент се нашле на само 500 метри од главниот пожар: „Пламенот беше повисок од боровите, висок како зграда од пет или шест ката. Пожарот беше целосно надвор од контрола“.
  • Заборавени во празен град: Ребека Папен, Американка со француско потекло, поради користење чепиња за уши ја преспала ноќната евакуација во општината Бискарос. „Кога се разбудив наутро, градот беше празен. Главните патишта беа во пламен и затворени, а пепелта паѓаше од небото како снег“, вели таа, раскажувајќи како полицијата ѝ наложила да не излегува од дома.

Најлошиот пожар во историјата на Мадрид

Ситуацијата е критична и во околината на Мадрид, каде властите се борат да спречат спојување на неколку различни пожаришта. Огнената стихија веќе принуди евакуација и затворање на постројка на американската вселенска агенција НАСА, лоцирана на 65 километри западно од главниот град.

Претседателката на мадридскиот регион, Изабел Дијаз Ајусо, изјави дека ова е „најлошиот пожар во историјата на регионот“, предизвикан од екстремните температури, силниот ветер и спојувањето на неколку огноноси фронтови.

Властите апелираат: Дојдете, но информирајте се

И покрај драматичната состојба на теренот, британското Министерство за надворешни работи засега не советува да се избегнуваат патувањата во Франција и Шпанија.

Француската министерка за меѓународни партнерства, Елеонор Кароа, испрати смирувачка порака до странските туристи:

„Постојат цели области кои се целосно безбедни. Во Париз и во поголемиот дел од регионите сè е нормално. Ве молиме, дојдете во Франција и не ги откажувајте патувањата, но каде и да се наоѓате, редовно информирајте се за локалната ситуација.“

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни