Свет

Метеоролозите предупредуваат: Европа влегува во период на екстремни температури

Метеоролозите предупредуваат: Европа влегува во период на екстремни температури
Thermometer in the sky, the heat

Европа се подготвува за нов период на екстремни горештини, откако на преминот меѓу јули и август се очекува силен топлотен бран кој ќе зафати голем дел од континентот. Според прогнозите на „Severe Weather Europe“, најголем удар ќе почувствуваат западна, централна и јужна Европа, каде температурите повторно ќе достигнат опасно високи вредности.

Метеоролозите предупредуваат дека над делови од Европа ќе се развие таканаречена „топлотна купола“ – атмосферски феномен при кој топлиот воздух останува заробен над одредено подрачје подолг временски период, предизвикувајќи дополнително зголемување на температурите.

Први на удар ќе бидат Шпанија, Португалија и Франција, каде кон крајот на јули и почетокот на август температурите на повеќе места се очекува да надминат 40 степени, а во одредени региони би можеле да достигнат и до 45 степени Целзиусови.

Топлиот воздушен бран потоа ќе се прошири кон централна Европа, Италија, Унгарија и северниот дел на Балканот. Температури над 40 степени се прогнозираат во долината на реката По во Италија, Тоскана, делови од Словенија, источна Хрватска, северна Босна и Херцеговина, северна и централна Србија, поголем дел од Унгарија и западна Романија.

Во останатите делови од Балканот се очекуваат температури меѓу 35 и 39 степени, што според експертите може да претставува ризик за ранливите категории граѓани, особено постарите лица, хронично болните, децата и оние кои работат на отворено.

Освен високите температури, прогнозите укажуваат и на сув период со многу ниска влажност на воздухот, која на некои места би можела да падне под 20 проценти. Ваквите услови го зголемуваат ризикот од брзо ширење на шумски пожари, особено во јужните делови на Франција и Шпанија, а опасноста постепено може да се прошири и кон Италија, Алпите и Балканот.

Дополнителен проблем ќе бидат и тропските ноќи, кога температурите нема доволно да се намалат во текот на ноќта, што го отежнува разладувањето на организмот и го зголемува здравствениот ризик.

Според актуелните прогнози, топлотниот систем би можел да се задржи над Европа речиси две недели, со продолжени периоди на екстремни горештини и зголемена опасност од пожари во повеќе земји.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни