Новото право се однесува на жени кои имаат болни менструални циклуси предизвикани од утврдени органски причини, како што се ендометриоза, миоми, полипи и други гинеколошки заболувања.
Иницијативата за измените ја поднесе независната пратеничка Јевросима Пејовиќ во март годинава, во пресрет на Меѓународниот ден на жената. Предлог-законот претходно доби едногласна поддршка од Комисијата за здравство, труд и социјална политика, како и од Законодавната комисија.
Во образложението на измените се наведува дека целта е подобро регулирање на состојбите поврзани со секундарната дисменореа, намалување на стигмата и предрасудите на работното место, како и создавање баланс меѓу здравствените потреби и професионалните обврски на жените.
Со измените, жените со оваа дијагноза добиваат право на посебна состојба на привремена спреченост за работа, односно можност за користење платено отсуство.
Секундарната дисменореа претставува состојба при која болните менструални тегоби се последица на претходно дијагностицирани гинеколошки заболувања, меѓу кои се ендометриоза, миоми, воспаленија на јајниците, ендометријални полипи и синдром на полицистични јајници.
Овие состојби можат да бидат проследени и со дополнителни симптоми, како болни сексуални односи, проблеми со мокрењето, неплодност или обилно менструално крвавење.