Македонија

Мицкоски: Обвинителството веднаш да влезе во ИЈЗ и АХВ, имало 400 скриени пријави за водата во Гостивар, никој не реагирал

Мицкоски: Обвинителството веднаш да влезе во ИЈЗ и АХВ, имало 400 скриени пријави за водата во Гостивар, никој не реагирал

Премиерот Христијан Мицкоски упати јавен повик до Јавното обвинителство веднаш да отвори постапка и да ги провери наводите за над 400 пријави за неквалитетна вода во Гостивар во 2021 година, по кои тогашната власт воопшто не постапила.

Одговарајќи на новинарски прашања за обвинувањата од опозицијата дека сегашната Влада не презема ништо за состојбата со водата во Гостивар, Мицкоски возврати дека одговорноста лежи токму кај кадрите на СДСМ кои тогаш раководеле со клучните институции.

„Во 2021 година, кога сегашниот претседател на СДСМ е министер за здравство, а личноста која денеска излегува на прес-конференци од нивно име е директор на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), имало над 400 пријави за неквалитетна вода во Гостивар. Од страна на тогашната власт е преземено нула – ништо не е направено за да се заштити здравјето на гостиварци“, изјави премиерот.

Тој побара од Обвинителството уште денеска да влезе во просториите на ИЈЗ и на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) за да ја провери оваа информација и да покрене постапка против одговорните за непреземање мерки.

Во однос на моменталната состојба со водоснабдувањето во Гостивар, премиерот појасни дека водата сè уште може да се користи само како техничка, бидејќи по чистењето се појавил нов проблем во мрежата.

„Во инсталациите веќе ги нема оние фекални колиформни бактерии, но се појави една нова резидуална бактерија. Таа е присутна во цевките бидејќи долго време не биле користени, а сега излегува на површина по процесот на прочистување и хиперхлорирање. Очекувам и овој предизвик брзо да биде надминат, по што водата конечно ќе биде одобрена за пиење и за готвење“, заклучи Мицкоски.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни