Грција се соочува со една од најтешките огнени кризи ова лето, а борбата со пожарите однесе и човечки животи. Тројца пожарникари загинаа додека учествувале во гаснењето на големите шумски пожари на Крит и на југот од земјата, потврди грчката противпожарна служба.
Според официјалните информации, двајца пожарникари останале заробени од пламените јазици во близина на селото Крија Вриси на островот Крит, каде што интервенирале на активниот пожар. Третиот пожарникар загинал во одвоен инцидент во регионот Пелопонез, соопшти портпаролот на противпожарната служба, пренесува Ројтерс.
Во меѓувреме, екстремно високите температури и силниот ветер дополнително ја отежнуваат борбата со пожарите, кои зафатија повеќе делови од јужна Европа. Огнената стихија продолжува да се шири, а пожарникарите и спасувачките екипи вложуваат големи напори за да ги стават пожарите под контрола и да ги заштитат населените места.
За сериозноста на ситуацијата говори и изјавата на шпанскиот премиер Педро Санчез, кој од командниот центар во Навалкарнеро оцени дека претстојните часови ќе бидат клучни.
„Верувам дека следните 12 часа ќе бидат многу важни. Тие ќе бидат одлучувачки во консолидирањето на работата што ја врши националниот систем за цивилна заштита“, изјави Санчез.