Грчките власти го уапсија градоначалникот на островот Парос, заедно со уште четири лица, во рамки на истрагата за големиот пожар што во вторникот избувна на депонија и повеќе од 24 часа ги ангажираше противпожарните екипи.
Според грчките медиуми, пожарот започнал на просторот на депонијата, а поради силниот ветер брзо се проширил на околната површина со ниска вегетација. Државната телевизија ЕРТ објави фотографии од местото на настанот, на кои се гледаат големи количини отпад од каде што, според првичните информации, се проширил огнот.
Во рамки на истрагата што ја води Одделот за истражување на кривични дела поврзани со подметнување пожари, приведени се вкупно пет лица – градоначалникот на Парос, неговиот заменик задолжен за комунална хигиена, изведувачот на работите на претпријатието за управување со отпад и општински службеник кој управувал камион за собирање отпад.
На приведените им е изречена административна парична казна во вкупен износ од 8.437,50 евра, а во текот на денот се очекува да бидат изведени пред надлежен јавен обвинител.
Надлежните институции продолжуваат со истрагата за да ги утврдат причините и околностите под кои избувнал пожарот, кој предизвика сериозни проблеми на грчкиот остров.