Иако американскиот министер за здравство, Роберт Ф. Кенеди помладиот, неодамна изјави дека епидемијата со паразитот кој предизвикува тешки стомачни тегоби е под контрола, бројките на терен го демантираат тоа. Ширум САД се регистрираат илјадници нови случаи на зараза, пренесува „Футуризам“ (Futurism).
Според официјалните податоци од Центарот за контрола и превенција на болести (ЦДЦ), само во периодот меѓу 21 и 28 јули се забележани 2.500 нови случаи на зараза.
Билансот на епидемијата од 1 мај изнесува:
- Над 6.700 лабораториски потврдени случаи.
- Над 11.500 сомнителни случаи кои чекаат лабораториска потврда или дополнителна анализа.
Добрата вест е што досега не е забележан ниту еден смртен исход. Хоспитализирани се 423 лица, но сите се во стабилна состојба. Здравствените власти сè уште интензивно го истражуваат изворот на паразитот Cyclospora cayetanensis, кој предизвикува чести, ненадејни и воденасти дијареи.
Точниот број на заболени е речиси невозможно прецизно да се утврди. Експертите од ЦДЦ појаснуваат дека голем дел од луѓето се опоравуваат дома без лекарска помош и воопшто не се тестираат за овој специфичен паразит.
Под најголем сомнеж се најде компанијата „Тејлор Фармс“ (Taylor Farms), еден од главните добавувачи на синџирот ресторани „Тако Бел“ (Taco Bell). Агенцијата за храна и лекови (ФДА) првично објави дека пронашла траги од паразитот во нивната спакувана сечкана салата, но подоцна ја повлече тврдењето со објаснување дека се работело за лажно позитивен наод. И покрај тоа, компанијата доброволно одлучи да ја повлече спорната салата од пазарот.
Официјалната мапа на ЦДЦ покажува дека епидемијата најсилно ги погоди сојузните држави Мичиген и Охајо. Само во Мичиген, според локалното министерство за здравство, бројот на заразени надмина 10.000 луѓе. Единствените држави каде што сè уште не е пријавен ниту еден случај се Монтана, Ново Мексико, Мејн, Јужна Каролина и Хаваи.
Совет за заштита: Здравствените експерти апелираат дека заштитата од овој паразит е едноставна. Се препорачува темелно перење на овошјето и зеленчукот или нивна термичка обработка, со оглед на тоа што високите температури целосно го уништуваат микроорганизмот.