Поради најавените екстремно високи температури кои во наредните денови ќе достигнуваат и до 40 степени Целзиусови, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ги повика граѓаните да внимаваат како ја купуваат, транспортираат, чуваат и подготвуваат храната, бидејќи во вакви услови значително се зголемува ризикот од труење.
Од АХВ предупредуваат дека топлото време не претставува закана само за луѓето, туку и за животните, па затоа сопствениците треба да им обезбедат доволно безбедна храна и постојан пристап до свежа вода.
Агенцијата препорачува прехранбените производи да се купуваат исклучиво од проверени продажни места, каде што се обезбедени соодветни услови за нивно чување, особено кога станува збор за месо, млечни производи и друга храна од животинско потекло. Граѓаните се советуваат да избегнуваат производи со оштетена или надуена амбалажа, а разладените и замрзнатите производи да ги купуваат на крајот од пазарењето за што пократко да бидат изложени на високи температури.
Според препораките, лесно расипливата храна не треба долго да се остава во автомобили или надвор од ладилник. Разладената храна треба да се чува на температура под пет степени Целзиусови, а термички обработените јадења да бидат добро зготвени и да се одржуваат на температура повисока од 60 степени. Овошјето и зеленчукот треба темелно да се измијат, а суровото месо, млекото и јајцата задолжително да се обработат пред консумирање.
По подготовката, храната треба што побрзо да се излади и да се складира во фрижидер. Зготвената храна се препорачува да се чува на горните полици, а суровите производи на долните, со цел да се спречи меѓусебна контаминација. Дополнително, храната треба да биде заштитена од инсекти, глодари и домашни животни.
АХВ советува и при посета на угостителски објекти да се избираат локали кои ги почитуваат хигиенските стандарди. Во објектите за брза храна се препорачува да се избегнуваат мајонез, крем-салати, сосови и други додатоци доколку не се чуваат во разладни уреди.
„Доколку се сомневате дека храната не е безбедна, не ризикувајте – фрлете ја“, апелираат од Агенцијата за храна и ветеринарство.