Премиерот Христијан Мицкоски излезе со остри обвинувања и најави истрага за одлуката за враќање на пасошот на битолскиот бизнисмен Борче Марковски, посочувајќи дека во целиот процес е вмешано Вишото јавно обвинителство Битола.
Мицкоски истакна дека детално го анализирал случајот и открил сериозни отстапувања и спротивставени извештаи меѓу двете обвинителски нивоа.
Најава за истрага за одговорност во Вишото обвинителство
Премиерот директно посочи на сомнежи за соучесништво и манипулација од страна на обвинител од Битола:
„Јавното обвинителство и јавноста треба да знаат дека тука има груба манипулација од еден локален јавен обвинител во Вишето јавно обвинителство, којшто е соучесник во овој процес. Не би сакал сега да шпекулирам со имиња и презимиња, бидејќи допрва следува детална истрага за овој процес“, истакна Мицкоски.
Различни извештаи од Основното и Вишото обвинителство
Според зборовите на премиерот, сомнежот дополнително го подгрева тоа што постои директна спротивставеност во документацијата:
- Спротивни записници: Надлежното Основно јавно обвинителство има подготвено сосем поинаков извештај од оној што го приложило Вишето јавно обвинителство Битола во официјалниот записник.
- Лична гаранција за исходот: Мицкоски вети дека случајот нема да биде заташкан:„Ова нема така да заврши, ова лично јас ви го гарантирам и лично ќе го следам целиот процес поврзано со овој случај“, заклучи тој.