По повод националниот празник Илинден, Државниот архив на Република Северна Македонија објави избор од архивски фотографии и документи кои сведочат за Илинденското востание и борбата на македонските револуционери за слобода и државност.
Од Архивот потсетуваат дека на 2 август 1903 година започнало Илинденското востание, еден од најзначајните настани во македонската историја, инспириран од идеалите за слобода и создавање сопствена држава.
„Крушевската Република остана најсилен симбол на стремежот кон слобода, еднаквост и праведно општество“, наведуваат од Државниот архив.
По повод празникот, институцијата пред јавноста претстави дел од архивските фондови и збирки, меѓу кои историски фотографии и документи што ја документираат борбата, идеалите и жртвата на илинденците и претставуваат значаен дел од македонското историско наследство.
„Нека е честит Илинден! Вечна слава на хероите на Илинденското востание!“, порачуваат од Државниот архив во честитката упатена по повод 2 Август.