Македонија

Трите Илиндена не се само датуми, туку сведоштво дека Македонија постоела и постои, вели Г.Г. Стефан

Трите Илиндена не се само датуми, туку сведоштво дека Македонија постоела и постои, вели Г.Г. Стефан

По повод Илинденските празнувања, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, заедно со Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, упати Илинденско послание во кое порача дека трите Илиндени се темел на македонската државност и национален идентитет, но и повик за духовно обновување, единство и зачувување на слободата.

Во посланието се нагласува дека Илинден не е само историски датум, туку симбол на верата, жртвата и стремежот кон слобода, кој ги поврзува Илинденското востание од 1903 година, Првото заседание на АСНОМ во 1944 година и независноста на Македонија во 1991 година.

„Сите три Илиндена не се само датуми, туку се сведоштво дека Македонија постоела и постои, и дека живее во срцата на своите чеда, а нашата слобода е плод на духовната зрелост и жртвата на нашите предци. Но, слободата не е нешто што ни е дадено еднаш и засекогаш, туку е подвиг којшто треба да се чува“, се наведува во посланието.

Архиепископот Стефан истакнува дека современите предизвици бараат единство и враќање кон традиционалните вредности.

„Како македонски народ, Илинден нѐ повикува на покајание и на враќање кон светите вредности – кон верата, правдата, честа и достоинството. Само доколку сме чесни, верни и воцрковени, ако се обединиме и се помириме како народ, ќе се одбраниме и ќе постоиме“, порачува поглаварот на МПЦ-ОА.

Во посланието се прави паралела меѓу животот на светиот пророк Илија и историјата на македонскиот народ, истакнувајќи дека Илинден останува симбол на истрајност, пожртвуваност и борба за слобода. Се нагласува и историската улога на Македонската православна црква во зачувувањето на верата, јазикот, писменоста, културата и националниот идентитет во периодите кога македонскиот народ немал своја држава.

На крајот од Илинденското послание, Архиепископот Стефан и членовите на Светиот архијерејски синод упатуваат молитва за сите што ги положиле животите за слободата на Македонија, повикувајќи ги верниците да ги негуваат илинденските идеали и да ги пренесат како аманет на идните поколенија.

„Честит и вечен Илинден!“, се наведува во честитката на поглаварот на МПЦ-ОА и Светиот архијерејски синод.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни