Организаторите на унгарскиот фестивал „Озора“, еден од најголемите тренс настани во Европа, одлучија предвреме да ја прекинат музичката програма откако двајца посетители го загубија животот за време на викендот.
Како што пренесуваат локалните медиуми, првиот трагичен инцидент се случил кога 45-годишен државјанин на САД се искачил на една од декоративните конструкции во близина на главната сцена, од каде што паднал и починал на лице место. Унгарската полиција и организаторите се сомневаат дека станува збор за самоубиство.
Претходно истиот ден, на фестивалот починала и 39-годишна Унгарка која колабирала на теренот. И покрај брзата интервенција на медицинските тимови и обидите за реанимација, жената починала, а како најверојатна причина за смртта се наведуваат екстремните горештини.
Портокалов аларм за високи температури
Унгарија веќе неколку дена се соочува со висок топлотен бран, а за време на викендот температурите во централниот дел на земјата достигнаа и до 40 Целзиусови степени.
„Во светло на овие трагични настани, донесовме одлука целата музичка програма да заврши вечерва на полноќ“, соопштија организаторите.
Фестивалот „Озора“, кој започна на 24 јули во Дадпуста, првично требаше да трае до раните утрински часови во понеделник, но по црната серија инциденти, организаторите одлучија од безбедносни причини и почит кон жртвите да го скратат крајот на настанот.