Балкан

Сообраќаен хаос на границата меѓу Хрватска и Црна Гора: Колони подолги од 20 километри, чекање и до 28 часа

Сообраќаен хаос на границата меѓу Хрватска и Црна Гора: Колони подолги од 20 километри, чекање и до 28 часа

На граничните премини Карасовиќи (Дебели Бријег) и Витаљина (Конфин), меѓу Хрватска и Црна Гора, денеска е регистриран сериозен сообраќаен колапс, при што се формираа колони возила долги повеќе од 20 километри.

Според информациите од терен, колоната се протега до Чилипи и Жупа Дубровачка, а сообраќајот кон Груда и околните населени места е речиси целосно блокиран.

Според официјалните податоци на Хрватскиот автомобилски клуб (ХАК), кои ги пренесува N1 БиХ, за преминување на границата се чека повеќе од десет часа. Хрватскиот портал „Индекс“, повикувајќи се на неофицијални информации од терен, објави дека поединечни возачи чекале и до 28 часа за да ја преминат границата.

Поради екстремно високите температури, многу патници ги напуштаат возилата за да побараат сенка и освежување, додека локалните жители им делат вода и им ги ставаат на располагање тоалетите во своите домови. На терен е испратена и цистерна со вода за да им помогне на заглавените патници.

Градоначалникот на Општина Конавле, Божо Ласиќ, оцени дека ситуацијата е неприфатлива, истакнувајќи дека жителите со часови не можат да стигнат до своите домови.

„Ги молам сите жители на Конавле да ги одложат сите патувања со автомобили кои не се неопходни, за да ги избегнеме дополнителните метежи и опасности. Се надевам дека оваа тешка ситуација конечно ќе ги поттикне надлежните трајно да го решат проблемот со долгите чекања на граничниот премин Карасовиќи“, порача Ласиќ преку Фејсбук.

Според локалните власти, општината со околу 8.600 жители во моментов е оптоварена со околу 10.000 возила, односно близу 40.000 патници кои чекаат да ја преминат границата. Најголем дел од возилата имаат француски, италијански и германски регистарски таблички, а патниците најчесто се упатуваат кон Албанија и Косово.

Полицијата се обидува да го пренасочи сообраќајот по споредните патишта за да обезбеди пристап до аеродромот во Дубровник. Сепак, колоните веќе се доближиле до раскрсницата кон Поповиќи, поради што постои опасност од целосна блокада на дубровничката ривиера.

Локалните власти предупредуваат дека ситуацијата е особено ризична бидејќи е отежнато движењето на возилата на итната медицинска помош, а единствениот пат што ги поврзува Конавле и Општата болница во Дубровник е сериозно оптоварен.

На возачите кои планираат патување кон Црна Гора преку овој граничен премин им се препорачува да ја избегнуваат оваа рута до нормализирање на сообраќајот.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни