Балкан

Историски низок водостој на Дунав кај Нови Сад: Експертите предупредуваат да не се капе во реката

Историски низок водостој на Дунав кај Нови Сад: Експертите предупредуваат да не се капе во реката

Дунав кај Нови Сад достигна еден од најниските водостои во последните децении, а експертите предупредуваат дека екстремно ниското ниво на реката претставува ризик и за екосистемот и за здравјето на граѓаните.

Долгогодишниот познавач на Дунав, Мирослав Мртушик, вели дека ваква состојба не паметат ниту најстарите жители на Нови Сад.

„Имам 80 години и целиот живот сум на Штранд. Разговарав и со колеги кои имаат речиси 90 години, но никој не се сеќава на ваков водостој. Ова е нешто невидено“, изјави Мртушик.

Тој ги поддржа препораките на Институтот за јавно здравје граѓаните да избегнуваат капење во Дунав, бидејќи квалитетот на водата моментално е оценет како четврта категорија.

„Не би рекол дека водата е загадена, но бактериолошки не е безбедна за капење. Може да предизвика инфекции и други здравствени проблеми. Затоа препораката е да не се капе во Дунав. Доколку некој сепак влезе во реката, задолжително треба да се истушира со чиста вода и да користи сапун“, апелира Мртушик.

Нискиот водостој, освен што ја загрева водата, предизвикува и сериозни последици врз живиот свет. Последните денови брегот на плажата Штранд беше покриен со голем број угинати школки, кои мораше да бидат отстранети поради непријатната миризба што се создава при нивното распаѓање.

Според Мртушик, школките не можат да преживеат кога температурата на водата ќе надмине 25 степени Целзиусови.

„Тие угинуваат за само 24 до 48 часа, испливуваат од калта, а брановите потоа ги исфрлаат на брегот“, објаснува тој.

Слична слика е забележана и на плажата Лидо на Големиот воен остров кај Белград, каде повлекувањето на Дунав зад себе остави големи количини угинати школки.

Во моментов, водостојот на Дунав кај Нови Сад изнесува 54 сантиметри под референтната точка, што е меѓу најниските измерени нивоа во последните неколку децении. Температурата на водата достигнува околу 27 степени, додека температурата на воздухот се искачува до 35 степени Целзиусови, што дополнително го загрозува речниот екосистем.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни