Двајца пратеници од бугарската партија Преродба, и покрај важечка судска забрана за влез во државата, минатата недела присуствувале на судење во Кочани на 23-годишната кочанчанка Ива Михајлова, државјанка со македонско и бугарско државјанство. Забраната произлегува од пресуда на Основниот суд во Битола, објавена лани во август, објави Телма.
Станува збор за бугарските пратеници Крсто Врачев и Ангел Георгиев, кои со објавени фотографии на Фејсбук потврдија дека биле во судница. Нивното присуство го искористија за критики кон правосудниот систем во земјава и за порака до Европската унија дека, според нив, државата малтретира девојка што се самоидентификува како Бугарка.
И Врачев и Георгиев се опфатени со пресудата на битолскиот Основен суд со ознака ПРК-О-263/25, со која на вкупно 27 лица, сите пратеници на Преродба, им е изречена едногодишна забрана за влез во државата и прекршочни парични казни од 50 до 230 евра. Според судскиот извод, било утврдено дека на 15.06.2025 тие нелегално ја преминале државната граница од Република Грција и незаконски престојувале повеќе денови во Република Северна Македонија.
И покрај забраната, двајцата пратеници успеале да ја минат границата и да влезат во судницата во Кочани. Министерството за внатрешни работи соопшти дека не споделува податоци за влез и излез на лица на барање на трети страни; такви информации се доставуваат исклучиво по барање на надлежен државен орган согласно закон, или на самото лице за негови лични потреби. За деталите поврзани со судската забрана МВР упати до Основниот суд во Битола.
Ива Михајлова се товари за сообраќајна несреќа со една жртва. Таа и нејзината одбрана ја негираат одговорноста и бараат да ѝ се вратат патните исправа за да може да се лекува во Бугарија. Случајот го следи и бугарското Министерство за надворешни работи, а нејзиниот адвокат потврди дека до кочанскиот суд е поднесено ново барање, придружено со конзилијарно мислење, за враќање на пасошите и овозможување лекување во Софија. Судот треба да одлучи во текот на наредната недела.
Извор: Телма телевизија