Балкан

Грчките власти разбија мрежа за криумчарење корали вредни над 800.000 евра

Грчките власти разбија мрежа за криумчарење корали вредни над 800.000 евра

Грчките даночни власти денеска разбиле нелегална мрежа за улов и продажба на скапоцени корали во странство, чија вредност се проценува на над 800.000 евра, соопштија инспектори од грчката Независна служба за јавни приходи, цитирани од електронското издание на весникот „Катимерини“.

Според соопштението, во изминатите месеци службата следела криминална група што користела закотвено туристичко пловило крај островот Скопелос како прикритие и база за незаконит улов на корали.

Истрагата се насочила кон конкретна транспортна компанија преку која се извршувале низа сомнителни испораки со нејасни описи на стоката. Нејзин брод, изнајмен од италијански државјани за рекреативни цели, бил поврзан со чести и повторливи пратки, главно кон пристаништа во Италија.

При денешната проверка токму на тоа пловило, властите пронашле значително количество корали заштитени со европското законодавство за морската средина и мрежата „Натура 2000“, нуркачка опрема, алати за сечење корали и импровизирани уреди за складирање, што, според надлежните, упатува на организирана и систематска незаконска дејност.

Вредноста на запленетата пратка е проценета на над 800.000 евра врз основа на меѓународните цени за црвен корал и сродни видови, кои се користат во бижутеријата и за висококвалитетни декоративни предмети.

Властите продолжуваат да трагаат по можни соучесници на групата во Грција. Во соработка со италијанските служби се бара и примачот на незаконските пратки во Италија, а не се исклучува можноста за вмешаност на меѓународна криминална организација што делува во повеќе држави.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни