Свет

ВИДЕО Патнички авион го загрози Трамп полетувајќи истовремено со претседателскиот хеликоптер

ВИДЕО Патнички авион го загрози Трамп полетувајќи истовремено со претседателскиот хеликоптер

Патнички авион полета од Националниот аеродром „Рејган“ во момент кога претседателскиот хеликоптер со американскиот претседател Доналд Трамп се наоѓаше во близина, со што беа прекршени правилата за безбедност. Федералната управа за авијација на САД отвори постапка за утврдување на причините за нарушувањето на протоколите околу аеродромот во Вашингтон.

Според Асошиејтед прес, патничкиот авион добил одобрение за полетување додека хеликоптерот на претседателот се приближувал кон истото подрачје. Инцидентот се случил во вторник, иако важи забрана за комерцијални полети во вакви ситуации.

Претседателскиот хеликоптер „Марин Уан“ полетал од платформа во Белата куќа кон Заедничката база Ендрјуз, како прва етапа од патувањето на Трамп кон западниот брег на САД. Во исто време, од аеродромот „Рејган“ полетал и патнички авион.

Авионoт потоа се издигнал над претседателскиот хеликоптер и двата летала продолжиле по одделни траектории без непосредна опасност од судир. Според соопштение на Федералната управа за авијација, имало „моментно намалување на пропишаната оддалеченост, по што леталата продолжиле да се оддалечуваат едно од друго“, при што контролорот на летање одржувал врска и со пилотот на патничкиот авион и со екипажот на „Марин Уан“.

Белата куќа соопшти дека претседателот Трамп во ниту еден момент не бил изложен на ризик. „Марин Уан“ го управуваат врвни пилоти и безбедноста не била нарушена, порача портпарол на администрацијата.

Националниот одбор за безбедност на транспортот соопшти утрово дека продолжува да прибира информации за настанот и дека сè уште не е донесена одлука дали ќе се отвори формална истрага.

На аеродромот „Рејган“ поострени правила беа воведени по смртоносната несреќа на 29 јануари 2025 година, кога патнички авион се судри со воен хеликоптер „Блек Хок“ над реката Потомак во Вашингтон. Тогаш загинаа 67 лица, меѓу кои и многу млади уметнички лизгачи од САД, нивни тренери и родители кои се враќаа од натпревар. По трагедијата, Федералната управа за авијација наложи сите полетувања и слетувања на „Рејган“ да се запираат секојпат кога хеликоптер минува во близина на аеродромот.

Во видеоснимка објавена од новинарот Дејв Статер се гледа како авион полетува од пистата „еден“ на „Рејган“ додека претседателскиот хеликоптер минува над Источен Потомак парк кон Заедничката база Ендрјуз, при што, според извештаи, вообичаената постапка за привремено запирање на комерцијалните летови не била применета.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни