Македонија

Андоновски: Националниот дата-центар ќе биде со капацитет под 1 MW, граѓаните ги добиваат првите е-услуги на сигурна платформа

Андоновски: Националниот дата-центар ќе биде со капацитет под 1 MW, граѓаните ги добиваат првите е-услуги на сигурна платформа

Идниот национален дата-центар нема да биде гигантски комерцијален објект, туку компактен и ефикасен систем со инсталирана моќност под еден мегават, наменет исклучиво за потребите на државата и граѓаните.

Ова го изјави министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, за централниот дневник на телевизија Сител, појаснувајќи ја стратегијата за консолидација на државната ИТ инфраструктура.

Компактен државен систем, а не комерцијален гигант

Министерот подвлече дека проектот нема да се користи за бизнис цели или за издавање на приватниот сектор:

„Не зборуваме за дата-центар од 50 до 100 мегавати какви што се комерцијалните објекти во светот, туку за микро центар од помалку од 1 MW. Максимумот што може да го достигне во следните 20 до 25 години е до 5 мегавати. Овој центар нема да опслужува светски провајдери ниту милиони корисници надвор од државните потреби.“

Со обединувањето на околу 20-те постојни дата-центри кои во моментот се расцепкани низ државата, ќе се воспостави значително повисоко ниво на сајбер-безбедност и подобри услови за развој на нови дигитални услуги.

Финансии, рок на изградба и заштита на животната средина

Првата фаза од проектот е проценета на 20 милиони евра, финансиска конструкција која според Андоновски е многу поекономична отколку тековното одржување на 20 одделни локации:

  • 30% се обезбедуваат преку грант-средства од Планот за раст и Реформската агенда.
  • 70% ќе се обезбедат преку поволно финансирање од меѓународни партнери.

Процесот на изградба е предвидено да трае 24 месеци, откако ќе се дефинираат конечната локација и финансискиот модел. Пред почетокот на работите ќе бидат изработени елаборат за животна средина и анализа за општественото влијание, а ќе се применуваат и најсовремени, енергетски ефикасни системи за ладење.

Постепена и безбедна миграција на податоците

Префрлањето на информациските системи во новиот дата-центар ќе се одвива фазно за да се избегнат какви било прекини во функционирањето на државните апарати.

Први ќе се мигрираат:

  1. Критичните државни системи (Платформата за интероперабилност, Националниот портал за услуги).
  2. Системите со несоодветни услови, односно институциите чија опрема во моментот се чува во небезбедни или технички неусловени простории.

„Нема да се случи да ги изгасиме сите во петок и во понеделник да почнат да работат. Системите ќе мигрираат еден по еден според однапред дефиниран план“, заклучи Андоновски.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни