Македонија

Квалитетот на водата во Гостивар се подобрува, но забраната за пиење останува

Квалитетот на водата во Гостивар се подобрува, но забраната за пиење останува

Водата од градскиот водовод во Гостивар сè уште не е безбедна за пиење и смее да се користи исклучиво како техничка, соопшти раководителот на Главниот штаб за управување со кризи, Стојанче Ангелов.

Иако последните лабораториски наоди покажуваат значително подобрување на квалитетот, за официјално укинување на забраната за пиење и готвење е потребно дополнително време. За да се потврди дека повеќе нема присуство на штетни бактерии, неопходно е да се добијат три последователни негативни анализи.

Политички реакции: СДСМ со прашања за Обвинителството и Клековски

Опозицискиот СДСМ излезе со остра реакција, барајќи одговорност од државниот обвинител Савески и упатувајќи критики до власта за контрадикторни изјави околу исправноста на водата:

„Дали и Савески е на екскурзија? Клековски конечно прозборе – во водата во Гостивар имало ‘многу различни бактерии и вируси’. Претходно Мицкоски уверуваше дека водата е технички исправна. Како знаеше? Имаше ‘чувство’? Сега фокусот е на следење хепатит. Зар истиот Клековски не тврдеше дека епидемијата завршила?“, соопштуваат од СДСМ.

Истрага и притвори за раководството на ЈП „Комуналец“

Поради загадувањето на водоводниот систем, Основното јавно обвинителство Гостивар уште на 20 јули отвори истражна постапка за тешки дела против животната средина и природата.

Во рамки на истрагата беа одредени 30 дена притвор за:

  • В.д. директорката на ЈП „Комуналец“ – Гостивар, Артана Асани;
  • Техничкиот раководител на Секторот за технички работи;
  • Раководителот на Одделението за водовод, канализација и градежни работи.
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни