Бројот на лица заразени со западно-нилска треска во Македонија би можел да биде поголем од досега официјално потврдените 20 случаи, предупредуваат медицинските лица. Едно од местата од каде што доаѓаат повеќе пациенти е Драчево, во скопската општина Кисела Вода.
Жителите на Драчево, особено повозрасните кои спаѓаат во ризичните групи, велат дека со загриженост ја следат состојбата. Дел од нив веќе поставиле мрежи на прозорците, користат средства против комарци и се обидуваат да ја отстранат застоената вода од дворовите и околината.
Загриженоста е поголема кај лицата над 60 години, особено кај оние кои имаат хронични заболувања и други здравствени проблеми.
Матичните лекари во Драчево забележуваат и промена во однесувањето на пациентите. Додека порано граѓаните чекале два или три дена за да видат дали симптомите ќе се повлечат, сега при првите здравствени тегоби веднаш бараат лекарска помош. Дел од нив директно се упатуваат и на Клиниката за инфективни болести за дополнителни испитувања.
Матичните лекари можат да направат основни анализи на крвта и да дадат медицински совети, но со тие испитувања не може со сигурност да се утврди дали пациентот е заразен со вирусот на западно-нилска треска.
Жителите велат дека во одредени делови од Драчево има голем број комарци, особено во близина на канали и места каде што се задржува вода.
„Кај што има канал, кај што има вода, има повеќе комарци“, вели еден од жителите, посочувајќи дека во дел од каналите сè уште има застоена вода, која претставува погодна средина за размножување на комарците.
Други граѓани велат дека преземаат превентивни мерки во своите домови.
„Ставивме мрежи, а старата вода што ја имавме ја фрливме“, вели жител на Драчево.
Има и граѓани кои по појавата на температура или треска веднаш размислуваат да побараат лекарска помош, поради страв дека симптомите би можеле да бидат поврзани со вирусот.
Според последните информации наведени во извештајот, на Клиниката за инфективни болести има хоспитализирани пациенти, од кои тројца се во тешка здравствена состојба, додека еден пациент се лекува во приватна здравствена установа.
Оваа сезона во Македонија официјално се потврдени 20 случаи на западно-нилска треска. Во изминатите 15 години во земјава се регистрирани и пет смртни случаи поврзани со заболувањето.