Имунизацијата со БСЖ вакцината привремено се одложува во земјава, додека се очекуваат дополнителни информации за сериите на вакцините, нивниот квалитет и можната поврзаност со пријавените несакани реакции.
Одлуката ја донела Комисијата за имунизација при Министерството за здравство, откако во хрватските медиуми се појавија информации за несакани реакции од БСЖ вакцина. Министерството веднаш ја контактирало Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД), со оглед дека станува збор за вакцина од ист производител, и побарало информации за сериите што се користат во земјава.
Од Министерството посочуваат дека БСЖ вакцинацијата во Македонија е задолжителна, имајќи предвид дека земјата се смета за подрачје со висок ризик од туберкулоза.
Според податоците на Министерството, во моментов на Институтот за ТБЦ се лекуваат 95 пациенти со туберкулоза, од кои 83 се случаи регистрирани годинава. Во Детската болница „Козле“, пак, во 2025 година биле евидентирани 15 случаи, додека во 2026 година досега се регистрирани 12 нови случаи.
„Комисијата за имунизација донесе заклучок за времено одложување на имунизацијата со оваа вакцина до добивање комплетни информации во однос на сериите, нивниот квалитет и асоцираноста со појавата на несакани реакции“, соопшти Министерството за здравство.
Оттаму додаваат дека во изминатите десет години до МАЛМЕД е доставена само една пријава за сомнеж на несакана реакција од БСЖ вакцината. Пријавата била поднесена во август 2022 година и се однесувала на појава на апсцес на местото на апликација на вакцината.
Од Министерството посочуваат дека таквата реакција е опишана и во упатството за употреба на вакцината.