Македонија

Разбиена меѓународна криминална група: Запленети 79 килограми марихуана, приведени пет лица

Разбиена меѓународна криминална група: Запленети 79 килограми марихуана, приведени пет лица

Обид за транспорт на 79 килограми марихуана наменета за турскиот пазар е спречен на граничниот премин Дојран, соопшти Царинската управа. Во акцијата е разбиена меѓународна криминална група поврзана со нелегална трговија со дрога, а приведени се пет лица.

Против приведените е поднесена кривична пријава за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.

Акцијата започнала по добиена разузнавачка информација од Одделението за разузнавање, по што мобилните тимови од Одделението за оперативни работи презеле оперативни дејствија. На излез од државата, на граничниот премин Дојран, бил спречен обидот за транспорт на марихуаната.

Дрогата била запленета, а возачот на камионот, државјанин на Босна и Херцеговина, бил приведен. Одделението за истраги, во соработка со ОЈО ГОКК, започнало предистражна постапка со цел да се утврди кој сè е инволвиран во случајот.

Во текот на истрагата било утврдено дека камионот со кој управувал возачот од БиХ влегол во Македонија натоварен со железни профили, кои требало да ги транспортира до Грција. По претходен договор со лица од Македонија, на однапред договорена локација во камионот била претоварена марихуаната.

По претоварот, камионот бил пломбиран со пломба која возачот ја имал кај себе, по што тој продолжил кон Грција. При излез од земјава, на граничниот премин Дојран, возилото било пресретнато од мобилните единици на Царинската управа.

Од Царинската управа велат дека со акцијата уште еднаш се потврдува значењето на разузнавачките и оперативните дејствија, како и на темелните истраги во сузбивањето на организираниот криминал и нелегалната трговија со дрога.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Ацо Ристов, претседател на РКЕ 01.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни