Македонија

Истрагата за загадената вода во Гостивар во напредна фаза, Финансиската полиција одзела документација

Истрагата за загадената вода во Гостивар во напредна фаза, Финансиската полиција одзела документација

Истрагата за случајот со загадувањето на водата во Гостивар е во напредна фаза, а досега е обезбеден значителен дел од потребните докази и сослушани се повеќе сведоци. По налог на Обвинителството, во случајот е вклучена и Финансиската полиција, која одзела документација поврзана со проектот за водоснабдување во градот.

Според информациите од гостиварското Обвинителство, одземената документација веќе се анализира, а се проверуваат и сите наводи поврзани со евентуално претходно загадување на водата.

Со истрагата засега се опфатени три лица – директорката на гостиварското комунално претпријатие и двајца раководители на сектори кои во периодот кога се случило загадувањето биле распоредени на работни задачи.

На осомничените судот им определи 30-дневен притвор.

Во меѓувреме, водата од гостиварскиот водовод и натаму не е безбедна за пиење, а граѓаните чекаат одобрение од надлежните институции за повторно да може да ја користат за консумација.

Случајот предизвика и нови политички реакции. Социјалдемократите денеска до Обвинителството поднеле кривична пријава против четири лица, меѓу кои, според нивните наводи, се и министерот за здравство Клековски и директорката на Институтот за јавно здравје, Андоновска.

Од партијата сметаат дека надлежните институции не ги презеле навреме сите неопходни мерки за заштита на населението и дека реакцијата по појавата на проблемот со водата била задоцнета.

„Основани се сомненијата дека во периодот од јуни 2026 година до денес, во својство на службени или одговорни лица во институциите со кои раководат, не презеле дејствија и мерки за заштита на здравјето и спречување на последиците од загадувањето на водата во Гостивар“, велат од СДСМ.

Од владејачката партија, пак, возвратија дека СДСМ нема право да морализира за состојбата со водоснабдувањето, тврдејќи дека проблемите со квалитетот на водата во Гостивар постоеле и во периодот кога со институциите раководеле нивни кадри.

Според нив, надлежните институции и претходно имале извештаи дека водата во одредени периоди не била безбедна за пиење, но, како што тврдат, не биле преземени соодветни мерки.

Додека трае истрагата и се чека водата повторно да биде прогласена за безбедна, Кризниот штаб продолжува со снабдување на населението со вода преку цистерни и со дистрибуција на флаширана вода.

Цистерни континуирано кружат во повеќе населени места, меѓу кои Дебреше, Беловиште, Циглана и други делови каде што има проблеми со водоснабдувањето. Флаширана вода се дели и на досегашните пунктови, а во акцијата се вклучени Владата, општествено одговорни компании и локални маркети.

Од Кризниот штаб посочуваат дека дел од маркетите бесплатно делат вода на граѓаните во услови на високи температури.

Водата од водоводот засега останува небезбедна за пиење поради присуство на бактерија поврзана со застоена вода. Надлежните спроведуваат интензивно хиперхлорирање на системот, а на граѓаните им се препорачува почесто да ја испуштаат водата од чешмите.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни