Македонија

АЛАРМАНТЕН ПОРАСТ: Регистрирани 26 случаи на Западно-нилска треска – ова се препораките

АЛАРМАНТЕН ПОРАСТ: Регистрирани 26 случаи на Западно-нилска треска – ова се препораките

Драматичен пораст на случаите на Западно-нилска треска (WNV) е регистриран во Македонија од почетокот на годината до 11 август 2026. Со вкупно 26 потврдени и веројатни случаи, од кои дури 13 се пријавени во изминатата недела, Центарот за јавно здравје Скопје официјално пријави епидемија во четири скопски општини. Регистриран е и еден смртен случај.

Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), речиси сите заболени се регистрирани во скопскиот регион (25 случаи), додека еден е во Велес. Поради концентрацијата на вирусот, прогласена е епидемија во општините Кисела Вода, Гази Баба, Аеродром и Бутел.

Најкритична е состојбата во Кисела Вода (населено место Драчево) со 11 регистрирани случаи и Гази Баба со 6 случаи, што според епидемиолозите е јасен показател за интензивна локална трансмисија на вирусот преку комарците.

Сите пациенти развиле тешка форма на болеста

Сите 26 регистрирани пациенти развиле невроинвазивна форма на болеста (менингитис и/или енцефалитис) и биле хоспитализирани — 25 на Универзитетската клиника за инфективни болести во Скопје, а еден во приватната болница „Аџибадем Систина“.

  • Возрасна структура: Најпогодени се постарите лица. 22 пациенти се на возраст над 60 години, а четири се помеѓу 50 и 59 години. Просечната возраст изнесува 66,6 години.
  • Пол: Од заболените, 20 се мажи, а 6 се жени.
  • Временска рамка: Најголемиот бран започна во јули (17 случаи), а трендот продолжува и во август.

За жал, регистриран е и еден смртен случај кај пациент од Скопје на возраст над 80 години со претходни коморбидитети, кој починал од менингит предизвикан од вирусот.

Подлабока анализа: За една година регистрирани една третина од сите случаи од 2011 до денес

Податоците на ИЈЗ покажуваат загрижувачки тренд. Од првата појава на Западно-нилската треска во земјава во 2011 година до крајот на 2025 година, биле забележани вкупно 54 случаи. Со сегашните 26 случаи, дури 32,5% од сите регистрирани инфекции во изминатите 15 години се случиле само во првите осум месеци од 2026 година.

Здравствените власти апелираат на итна заштита

Поради лошата епидемиолошка слика, ИЈЗ и Центрите за јавно здравје преземаат низа вонредни јавно-здравствени мерки:

  1. Засилен надзор: Се апелира до сите матични лекари, инфектолози и невролози да го вклучат вирусот во сите диференцијални дијагнози кај пациенти со фебрилни и невролошки симптоми.
  2. Вонредна дезинсекција: Општините и ЦЈЗ имаат обврска итно да спроведат ларвицидно и адултицидно прскање против комарци.
  3. Безбедност на крвта: Се спроведуваат посебни протоколи со Институтот за трансфузиона медицина за контрола на даруваната крв.

Како да се заштитите од каснувања од комарци?

Бидејќи не постои специфична вакцина или терапија за вирусот, главна мерка за превенција е заштитата од каснување на комарци:

  • Во домот: Поставете мрежи на прозорците и вратите. Избегнувајте престој на отворено во зори и на самрак кога комарците се најактивни.
  • Во дворовите: Избразнете ги сите садови во кои се собира застоена вода (тацни од саксии, буриња, стари гуми, канти) бидејќи тие се идеални за размножување на комарците.
  • Лична заштита: Носете облека со долги ракави и ногавици во светли бои и нанесувајте репеленти (спрејови/креми) на откриените делови од телото.

Доколку почувствувате симптоми како висока температура, силна главоболка, вкочанетост на вратот, треска или општа слабост, веднаш побарајте медицинска помош.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни