Балкан

Силна бура го поплави Пелопонез – пожарот ги принуди жителите да го напуштат Скирос 

Силна бура го поплави Пелопонез – пожарот ги принуди жителите да го напуштат Скирос 

Поплавите на полуостровот Пелопонез и големиот пожар на островот Скирос се најголемите предизвици со кои се соочуваат службите за цивилна заштита во Грција овој викенд. Двете катастрофи се случија во сабота, на празникот Успение на Пресвета Богородица, кога многу Грци патуваат во своите родни места или во туристичките центри на земјата.

Силна летна бура го погоди регионот Мани во југозападен Пелопонез во саботата, предизвикувајќи поплави и сериозни проблеми на патиштата и инфраструктурата. Дождот траеше околу 2 часа, но за тоа време наврнаа околу 140 литри на квадратен метар во источниот дел на Мани.

Жена е повредена откако нејзиниот автомобил бил погоден од гром. Таа е однесена во болница со повреди кои не се опасни по живот.

Пожарникарите добиле околу 50 повици за помош, претежно од автомобили заглавени на поплавени патишта. Во најмалку 10 од тие случаи, пожарникарите интервенирале за да ги префрлат патниците на безбедно место.

Според мештаните, ваквите природни феномени во Мани се невообичаени за сезоната.

Голем пожар избувна на егејскиот остров Скирос во саботата, поради што едно село беше евакуирано. Градоначалникот на островот, Киријакос Андонопулос, изјави дека во моментов нема ризик за жителите или туристите.

Гаснењето на пожарот е отежнато од силните ветрови, кои достигнуваат ниво седум според Бофортовата скала, но се очекува да ослабат во текот на денот.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни