Две лица го загубија животот, а деветмина се повредени во големиот шумски пожар што го зафати грчкиот остров Саламис, западно од Атина. Според информациите од грчката државна телевизија ЕРТ, телата на загинатите — маж и жена — биле пронајдени во рејонот каде што избувнал огнот, уште пред пристигнувањето на противпожарните екипи. Повредените со изгореници се пренесени во локалниот здравствен центар и се наоѓаат во стабилна состојба.
Поради брзото ширење на пламените јазици носени од силните ветрови, властите го активираа националниот систем за вонредни состојби 112 и наредија итна евакуација на повеќе населени места.
Пожарот се движи во два главни фронта — кон регионите Перистерија и Селинија. Зафатена е густа борова шума, а во Перистерија веќе се регистрирани и опожарени куќи.
За заглавените жители и туристи на плажите во областите Сатерли и Колонес е организирана помош по морски пат. Седум бродови на грчката крајбрежна стража и три фериботи досега евакуираа околу 90 лица на безбедно.
На терен интервенираат 192 пожарникари со 10 специјализирани тима за шумски пожари и голем број волонтери. Од воздух поддршка даваат шест авиони и осум хеликоптери.
Ситуацијата на теренот останува исклучително тешка и комплицирана поради силните ветрови кои дополнително го отежнуваат гаснењето.