Основниот кривичен суд Скопје го осуди Д.С. на казна затвор од три години и шест месеци за кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“.
Пресудата е донесена врз основа на предлог-спогодба со Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Д.С. ја признал одговорноста за дејствијата опишани во спогодбата и се согласил на предложената казна.
Според пресудата, Д.С. бил дел од организирана криминална група која во периодот од 2025 година до јануари 2026 година била вклучена во неовластена набавка, складирање и транспорт на марихуана од Северна Македонија кон Србија, со цел нејзина понатамошна продажба.
Во рамки на истрагата, во Србија биле запленети повеќе од 5 тони марихуана, додека при претрес во просториите на правното лице во Скопје биле пронајдени и одземени 9.635 килограми сув цвет од канабис, како и повеќе од 1.300 шишиња и канистри со непречистен екстракт од масло од канабис.
Судот утврдил дека Д.С. сторил кривично дело согласно член 215 од Кривичниот законик и ја прифатил предлог-спогодбата, имајќи ги предвид тежината на делото, но и фактот дека тој ја признал одговорноста, не бил претходно осудуван и не се водела друга кривична постапка против него.
Во изречената казна ќе му биде засметано времето поминато во притвор, почнувајќи од 17 февруари 2026 година.
Од Д.С. се одземени и предмети за кои судот утврдил дека биле наменети или употребени за извршување на кривичното дело, меѓу кои мобилен телефон и поголемо количество текстилна стока.
Тој е задолжен да плати и трошоци на постапката.
Пресудата е правосилна со денот на нејзиното донесување, бидејќи обвинителството, осудениот и неговиот бранител се откажале од правото на жалба.