Двегодишно дете во Херсон за влакно избегнало трагедија откако граната испуштена од руски дрон паднала директно во неговото креветче додека спиело. Проектилот не експлодирал, а детето, според украинската полиција, поминало без повреди.
Информацијата ја објави украинскиот портал „Censor.NET“, повикувајќи се на полицијата од Херсонската област.
Според полицијата, руските сили во текот на ноќта продолжиле со напади врз цивилното население, при што во областа на самиот Херсон биле регистрирани повеќе напади со различни типови јуришни дронови.
Еден од дроновите бил насочен кон приватна семејна куќа во Централниот реон. Проектилот го пробил прозорецот на собата и паднал директно во креветчето во кое спиело двегодишното дете.
Детето поминало без повреди
Полициските службеници случајот го опишале како вистинско чудо, бидејќи детето не било повредено при падот на гранатата.
Мајката и детето веднаш биле пренесени во блиската болница на лекарски преглед. Лекарите потврдиле дека нивните животи не се загрозени.
Во меѓувреме, полицијата во соработка со волонтери организира евакуација на семејството во друг, побезбеден град.
Полициските службеници ја отстраниле експлозивната направа од детското креветче, а случајот е документиран како уште еден настан во рамки на руските напади врз цивилното население во Украина.