Албанската полиција уапси повеќе лица осомничени дека се поврзани со убиството на 20-годишниот турист од Португалија во Ксамил.
Главниот осомничен, 29-годишниот Сократес Вата, бил уапсен во Леван, кај Фиер, откако полицијата го пронашла скриен во багажникот на автомобил кој се движел кон Тирана. Во возилото биле и двајца турски државјани, за кои полицијата се сомнева дека знаеле каде се наоѓа Вата и се обидувале да му помогнат да избега.
Во рамки на истрагата за убиството досега биле приведени 41 лице, од кои за 11 е одреден притвор, додека полицијата трага и по уште едно лице.
Според досегашните сознанија, смртоносната пресметка започнала во раните утрински часови во ноќен клуб во туристички комплекс во Ксамил, по конфликт во кој била вмешана девојка. 20-годишниот Португалец наводно се обидел да ја смири ситуацијата, по што бил нападнат.
Полицијата се сомнева дека Вата со остар предмет му нанел повеќе повреди во градите и грбот на туристот, при што во нападот учествувале и други лица.
Во истрагата е опфатено и обезбедувањето на ноќниот клуб, за кое се проверува дали навреме реагирало на тепачката и дали го пријавило инцидентот кај надлежните.
Албанските власти продолжуваат со истрагата за да се утврди точната улога на сите лица вмешани во крвавиот инцидент.