Европските мориња летово се соочуваат со исклучително високи температури, а главен фактор за нивното загревање се климатските промени, покажува ново истражување на меѓународен тим научници.
Температурите на површината на морето долж речиси сите европски брегови се над просекот измерен во периодот од 1990 до 2020 година. Најпогодени се западниот Медитеран, Бискајскиот Залив и Пиринејскиот Полуостров, каде што во одредени области температурите се и повеќе од шест степени Целзиусови над вообичаеното ниво.
Истражувачите од научната мрежа World Weather Attribution (WWA), која го анализира влијанието на климатските промени врз екстремните временски услови, ги споредиле јунските температури на морската површина со климатски модели за да го утврдат влијанието на глобалното затоплување.
Според нивните проценки, климатските промени ја зголемиле просечната температура на површината на Средоземното Море за околу два степени Целзиусови. Во Бискајскиот Залив и долж западниот брег на Пиринејскиот Полуостров зголемувањето изнесува околу 1,4 степени, додека околу Ирска и западниот брег на Велика Британија е околу 1,3 степени.
Топлотните бранови годинава зафатиле околу 90 отсто од бреговите на Бискајскиот Залив и Пиринејскиот Полуостров, како и околу 80 отсто од западниот Медитеран.
Научниците проценуваат дека без загревањето предизвикано од човековата активност, која моментално ја зголемува глобалната температура за околу 1,4 степени во однос на прединдустрискиот период, топлотните бранови би опфатиле само околу 40 отсто од овие региони.
Експертите предупредуваат дека потоплите мориња може сериозно да ги нарушат морските екосистеми и синџирите на исхрана, како и да влијаат врз популациите на морските цицачи и птици.
Промените веќе се забележуваат и кај одредени видови. Рибарите во југозападна Англија од 2025 година пријавуваат нагло зголемување на бројот на октоподи, вид кој вообичаено живее во потоплите води околу северна Африка.
Истражувачите предупредуваат и дека повисоките температури на морето можат да создадат услови за поинтензивни бури. Како пример ја посочуваат смртоносната поплава во шпанската покраина Валенсија во 2024 година.