Материјалите со кои бил уреден објектот, начинот на кој се ширел пожарот и градежните интервенции направени низ годините беа меѓу клучните прашања на денешното рочиште за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Во судницата беше разгледувано вештачењето изготвено од тим предводен од професорот на Градежниот факултет во Скопје, Горан Марковски, кој одговараше на прашања поставени од одбраната.
Посебно внимание беше посветено на полиуретанскиот сунѓер за акустична изолација, за кој во вештачењето е констатирано дека бил поставен на спуштениот плафон во објектот.
Во самиот објект не бил пронајден зачуван примерок од материјалот, бидејќи тој целосно изгорел во пожарот. Заклучокот во вештачењето, како што беше објаснето на рочиштето, се темели на фотодокументација, видео снимки, други вештачења и пронајдените траги.
Беше разгледувано и прашањето за брзината со која огнот се проширил. Проценката била направена врз основа на податоци добиени од противпожарните служби, снимки од настанот, искази и познавањето на однесувањето на материјалите при пожар.
На рочиштето се разговараше и за пожарната отпорност на преградните ѕидови. Во вештачењето е наведено дека преградните ѕидови од гипс-картонски плочи ја исполнувале потребната пожарна отпорност.
Значаен дел од испитувањето беше посветен и на реконструкцијата на објектот во 2012 година, вклучително и на зајакнувањето на меѓукатната конструкција со челични греди.
Според објаснувањето на вештакот, зајакнувањето било направено поради дополнителното оптоварување на конструкцијата што произлегувало од пренамената на објектот во дискотека. Беше отворено и прашањето за тоа кога точно биле изведени овие интервенции, при што одбраната побара дополнителни појаснувања за доказите врз кои се темели временската рамка.
Предмет на разгледување беа и двете галерии во објектот, кои биле додадени во 2012 година, а отстранети во 2024 година. Во текот на испитувањето беше посочено дека тие имале влијание врз конструктивните елементи.
Рочиштето повторно го отвори и прашањето за улогата на надлежните институции и контролите врз објектот. Од страна на семејствата на загинатите беше оценето дека вештачењето, покрај состојбата на самиот објект, укажува и на пропусти кај институциите кои имале законски обврски.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК. Во трагедијата загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.
Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, додека обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.