Свет

Европа бара работници: Речиси 3 милиони работни места стојат празни

Европа бара работници: Речиси 3 милиони работни места стојат празни

Европскиот пазар на труд се соочува со сериозен недостиг на работници, и покрај стравувањата дека автоматизацијата и вештачката интелигенција ќе доведат до исчезнување на голем број работни места. Компаниите во повеќе земји имаат отворени позиции, но сè потешко наоѓаат соодветен кадар.

Најголема побарувачка има за технички работници, административци, машински работници, оператори, како и возачи и работници во транспортот и логистиката.

Според податоците, само пет категории професии опфаќаат речиси три милиони непополнети работни места низ Европа.

Најбарани се техничките работници, со повеќе од 731.000 слободни позиции. На второ место се административните и канцелариските професии со над 630.000 работни места, додека металопреработувачката и машинската индустрија имаат потреба од речиси 597.000 работници.

Голема е побарувачката и за оператори на машини и постројки, каде што има повеќе од 522.000 слободни позиции. Во транспортот и логистиката, пак, се бараат повеќе од 519.000 работници, особено возачи.

Недостигот на работна сила не е ист во сите европски земји. Германија, Франција, Австрија, Чешка и Романија имаат голема потреба од технички кадар и работници со практични знаења и вештини. Финска, од друга страна, се соочува со изразен недостиг на ИТ професионалци.

Демографските промени дополнително ја усложнуваат состојбата. Стареењето на населението во Шведска, Швајцарија и Норвешка создава сериозна потреба од здравствени работници, а очекувањата се дека побарувачката за овој кадар дополнително ќе се зголемува.

Во јужниот дел на Европа, пак, најмногу се бараат работници во личните услуги и угостителството. Таков тренд е забележан во Шпанија, Португалија и Малта, но и во Данска.

Податоците укажуваат дека проблемот на европскиот пазар на труд не е само бројот на слободни работни места, туку и недостигот на луѓе со конкретни знаења, искуство и практични вештини.

Иако вештачката интелигенција и автоматизацијата брзо се развиваат, европските економии и натаму имаат голема потреба од човечки труд – од работници во производството и машинството, до возачи, здравствени работници, ИТ професионалци и вработени во услужните дејности.

Така, европскиот пазар на труд се соочува со парадоксална ситуација: има милиони слободни работни места, но недостигаат луѓе кои можат да ги пополнат.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни