Свет

Украина воведе санкции против авторите на цртаниот детски филм „Маша и Медо“

Украина воведе санкции против авторите на цртаниот детски филм „Маша и Медо“

Украина воведе санкции против руското студио „Анимакорд“, продуцент на популарниот цртан серијал „Маша и Медо“, како и против неговиот основач, сценаристот и режисерот на серијалот. Санкциите се воведени со указ на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Во Русија, цртаниот филм за немирното девојче Маша и пензионираниот медо има култен статус. Само на YouTube е прегледан десетици милијарди пати, се прикажува во околу 100 земји, а неговата популарност доведе и до создавање на неколку сродни серијали.

Украина: Се создаваат правни основи за блокирање на содржината

Цртаниот серијал во последните години беше предмет на критики во Украина, но и кај нејзините сојузници, меѓу кои се Обединетото Кралство и Естонија. Критичарите тврдат дека серијалот ја прикажува Русија во позитивно светло и претставува инструмент на руската „мека моќ“.

„Украина воведе санкции против продуцентите и дистрибутерите на руската анимирана серија „Маша и Медо“, објави украинската министерка за култура Тетјана Бережна на социјалната мрежа X.

Таа додаде дека со санкциите „се создаваат правни основи за блокирање на содржината во Украина, како и за вклучување на меѓународните платформи со цел ограничување на нејзината монетизација и дистрибуција“.

Од кабинетот на претседателот Зеленски соопштија дека цртаниот серијал „шири проруски наративи прикриени како детска содржина“.

„Мораме конкретно да одговориме на руската пропаганда, особено кога е насочена кон децата и се шири преку големи меѓународни платформи“, изјави украинскиот комесар за санкции Владислав Власјук.

Кремљ: Цртаниот филм ги промовира најдобрите човечки особини

Кремљ ги отфрли обвинувањата. Портпаролот Дмитриј Песков, коментирајќи ги санкциите, изјави дека цртаниот филм „го освои светот“ затоа што ги промовира „најдобрите човечки особини“.

„Фактот што Украина започна војна и против цртаниот филм веројатно е уште еден пример за грдата природа на украинските власти“, рече Песков пред новинарите.

Украина во јуни протестираше и поради одлуката на Netflix да ги откупи правата за прикажување на новите сезони на „Маша и Медо“.

Од почетокот на руската инвазија врз Украина во 2022 година, руските културни производи во Украина се помалку застапени поради бојкотите и официјалните ограничувања.

Сепак, според „Украинска правда“, во август 2025 година украинскиот YouTube канал на „Маша и Медо“ беше најпопуларниот детски канал во земјата. Каналот моментално има повеќе од 18 милиони претплатници.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни