Француските здравствени власти предупредија дека во изминатите месеци преку интернет биле продадени повеќе од 40.000 неисправни кондоми и ги повикаа сите кои ги користеле овие производи да се тестираат за сексуално преносливи инфекции.
Француската агенција за заштита на потрошувачите (DGCCRF) и Генералната дирекција за здравство (DGS) предупредија дека неисправните производи можат да претставуваат сериозен ризик за здравјето и безбедноста на корисниците, вклучително и ризик од несакана бременост и сексуално преносливи инфекции.
Властите им наложиле на платформите на кои се продавале спорните производи веднаш да ги отстранат огласите. Досега се отстранети 36 понуди, а неколку интернет-страници најавиле дека дополнително ќе ги проверуваат своите процедури за контрола на производите.
Откриени десетици видови неисправни кондоми
Според истрагата, биле откриени околу 30 видови кондоми кои ја немале задолжителната европска безбедносна ознака CE. Производите, исто така, не поминале независни проверки за усогласеност со безбедносните стандарди.
Најголемиот дел од нив биле продавани од азиски добавувачи преку големи интернет-продавници.
Проблемот, сепак, не се ограничил само на онлајн продажбата.
Неисправни кондоми пронајдени и во продавници и аптеки
Тестирањето на кондоми со ознака CE, кои се продаваат во продавници и аптеки, открило уште два неисправни производи. Кај едниот постоел ризик од пукање, додека кај другиот бил утврден ризик од перфорација.
Поради тоа, во мај и август од пазарот биле повлечени околу 260.000 кондоми.
Во Европа откриени и повеќе од 200.000 фалсификувани кондоми
Предупредувањето од Франција доаѓа по поширока европска акција против фалсификувани производи. Во јули, европските власти откриле повеќе од 200.000 фалсификувани кондоми, кои биле продавани со логото на познат бренд.
Производите потекнувале од ист извор во Кина, а биле запленети во Шпанија, Романија и Србија.
Во пораст и сексуално преносливите инфекции
Предупредувањето од Франција доаѓа во период кога во Европа е регистриран значителен пораст на бројот на сексуално преносливи инфекции.
Според Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ECDC), во 2023 година во Европа биле регистрирани речиси 100.000 потврдени случаи на гонореја.
Тоа претставува зголемување од 31 отсто во однос на 2022 година и повеќе од 300 отсто во споредба со 2014 година. Станува збор за највисока регистрирана стапка во Европа откако ECDC започна да ги следи сексуално преносливите инфекции во 2009 година.