Свет

Турција бара црвена потерница од Интерпол за Нетанјаху поради случајот со Газа

Турција бара црвена потерница од Интерпол за Нетанјаху поради случајот со Газа

Турција во петокот соопшти дека ќе побара од Интерпол да распише црвена потерница за израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, во рамки на кривичната постапка што се води во земјата поради напад врз активисти кои се обиделе да достават хуманитарна помош во Газа.

Анкара, која е членка на НАТО, остро ги критикува израелските воени операции во Газа и претходно издаде домашни налози за апсење на Нетанјаху поради војната во палестинската енклава. Турските власти повеќепати повикаа на меѓународни мерки против Израел, обвинувајќи го за кршење на човековите права и меѓународното право. Израел ги отфрла овие обвинувања.

Турција издаде налози за апсење

Новиот правен чекор следува по инцидентот во мај, кога израелските сили отвориле оган во меѓународни води врз најмалку два брода од флотилата „Глобал Сумуд“. Станувало збор за уште еден обид за доставување хуманитарна помош во Газа, откако Израел и претходно запирал слични мисии.

Турскиот министер за правда Акин Ѓурлек потврди дека се издадени налози за апсење на Нетанјаху и уште еден осомничен. Во рамки на постапката против вкупно 35 лица поради пресретнувањето на бродовите во меѓународни води, тие се товарат за геноцид, злосторства против човештвото и тортура.

Ѓурлек соопшти дека Министерството за правда побарало од Министерството за внатрешни работи да побара распишување црвени потерници преку Интерпол, со цел осомничените да можат да бидат барани на меѓународно ниво.

Турскиот министер порача дека Анкара ќе ги искористи сите правни механизми за, како што наведе, Израел да одговара за злосторствата во Газа.

Што значи црвена потерница?

Црвената потерница на Интерпол претставува меѓународно барање до полициските служби за лоцирање и привремено апсење на лице, со цел негово можно екстрадирање или преземање други правни мерки.

Сепак, црвената потерница сама по себе не претставува меѓународен налог за апсење. Интерпол ги разгледува барањата на земјите членки пред да одлучи дали ќе ги објави.

Израел остро реагираше

Од кабинетот на Нетанјаху ја отфрлија иницијативата на Турција.

„Патетичниот обид на турскиот претседател Таип Ердоган да ги заплаши лидерите и војниците на Израел, единствената вистинска демократија на Блискиот Исток, нема да успее“, соопштија од кабинетот на израелскиот премиер.

Дополнително се влошуваат односите поради Сирија

Односите меѓу Турција и Израел дополнително се влошија и поради случувањата во Сирија. Израел изврши воздушни напади врз воена база каде, според израелските тврдења, би можеле да бидат распоредени турски сили.

Анкара го осуди нападот, а критики упати и САД. Сириските власти, пак, соопштија дека немаат план да стационираат турски војници во базата.

Израел е загрижен поради растечкото турско влијание во Сирија, каде Анкара е сојузник на претседателот Ахмед ал-Шараа. Турција, пак, тврди дека израелската реторика и потезите во Сирија се поврзани со претстојните парламентарни избори во Израел, закажани за октомври.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни